Блиски Исток

Иран и САД известија за нов бран напади на Блискиот Исток

01.06.2026 14:15

Нова ескалација на Блискиот Исток. Иран и САД известија за нов бран напади во заливот. Централната команда на САД таргетираше ирански радарски системи, како и командни и контролни центри за управување со дронови. Корпусот на исламската револуционерна гарда соопшти дека нападнале воздухопловна база. Во Кувајт се огласија сирени за воздушна одбрана. Тензиите остануваат високи и по должината на израелско-либанската граница.

Вашингтон и Техеран известија за нов бран напади во Заливот. Централна команда на САД потврди дека од воздух таргетирала цели во Иран. Акциите ги опиша како чин на самоодбрана и директен одговор на агресивните ирански активности по неодамнешното соборување американско беспилотно летало. На удар биле ирански радарски системи, како и командни и контролни центри за управување со дронови во местото Горук и на островот Кешм, што се наоѓа во стратешки важната Ормуска Теснина.

„Одмерените и намерни напади се случија во саботата и неделата како одговор на агресивните ирански акции, меѓу кои и соборувањето на американскиот дрон што леташе над меѓународни води. Американските борбени авиони брзо одговорија со елиминирање на иранската воздушна одбрана, контролната станица на земјата и два еднонасочни дрона за напад што претставуваа јасна закана за бродовите што транзитираат низ регионалните води“ – Објава на Централната команда на САД.

Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека таргетирала воздухопловна база што ја користат американските сили за напад врз јужен Иран. Во исто време, Кувајт објави дека воздушната одбрана отворила оган кон дојдовен бараж од ирански беспилотни летала и ракети. Најновата ескалација следува во период кога се водат интензивни, но засега безуспешни дипломатски разговори меѓу администрацијата на Трамп и раководството на Исламската Република.

„Разговорите и размената на пораки се во тек и сè додека не биде постигнат јасен исход, не е можно да се оценуваат. Се што е кажано во оваа фаза, шпекулациите и претпоставките што циркулираат, според мене, треба да се игнорираат сè додека работите не станат дефинитивни“, изјави Абас Арагчи – министер за надворешни работи на Иран.

Шефот на Белата Куќа вели дека сè се поблиску до договор, но подготвен е да заземе побавен пристап кон преговорите и покрај загриженоста за економските влијанија на војната и високите цени на енергенсите. Според Трамп, Иран се обврзал дека нема да развива нуклеарно оружје, што е и појдовна точка на спорот меѓу двете страни. Американскиот претседател предупреди дека доколку не се постигне договор, работите ќе се одвиваат поинаку.

„Иран навистина сака да склучи договор, и тој ќе биде добар за САД и за оние што се со нас. Само седнете и опуштете се, на крајот сè ќе испадне добро – Секогаш е така! “-објава на претседателот на САД – Доналд Трамп.

Тензиите остануваат високи и по должината на израелско-либанската граница, додека размената на напади меѓу Израел и Хезболах продолжува и покрај прекинот на огнот постигнат со посредство на САД.

Маријана Димовска