Иванов во Њу Џерси: Дијсапората може многу да направи за иднината на Македонија
Македонската заедница од Америка да земе поактивно учество во економскиот и политичкиот живот во Македонија, ги охрабри претседателот Ѓорге Иванов Македонците од сојузната американска држава Њу Џерси. По втор пат, шефот на државата ја почна посетата на САД со средби со дијаспората. Иванов се сретна и со американскиот конгресмен Бил Паскрел...

Со заедничка соработка, дијаспората и татковината можат многу да направат за иднината на Македонија, изјави Претседателот Ѓорге Иванов на средбата со Македонците во американската држава Њу Џерси.
„Би сакал дијаспората да биде поактивно вклучена во економскиот и политичкиот живот на Македонија. Со правото на глас, дијаспората веќе учествува во демократските процеси во Македонија. Со заедничка соработка во економијата и културата, можеме многу да направиме за иднината на татковината“, изјави претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.
Традиционално на средби со Македонците во Њу Џерси доаѓа американскиот конгресмен Бил Паскрел.
„Имате пријател во Конгресот. Јас го претставувам целиот Конгрес на САД, сенаторите и конгресмените. Ви посакувам се најдобро Вам и на Вашата прекрасна земја“, рече американскиот конгресмен од Њу Џерси, Бил Паскрел.
Младите Македонци се уште ја чуваат традицијата на нивните предци со песни, ора и обележување празниците.
„Јас сум од Битола, овде сум дојден од 1968-та. Сите обичаи, спортски напревари во фудбал, прослави си ги обележуваме и овде во Њу Џерси, но време е помладите да ги преземат од нас постарите“,вели Босилко Јошевски, Македонец од Њу Џерси.
„Македонците редовно ги посетуваат црквите. Особено младите се побројни. Овде во Њу Џерси имаме две цркви и една во Њујорк, и имаме и еден манастир“, изјави Љупчо Дошлаковски, македонец од Њу Џерси.
Во Њу Џерси постојат храмови на МПЦ што оваа година прославуваат 20 години од постоењето.
Претседателот Иванов по втор пат ги посети Македонците во Сидоф Гроув, Њу Џерси.
Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ
