Муцунски: Во официјална Софија треба да има свест и одговорност кон регионалната безбедност и стабилност
Додека Брисел бара исчекор напред, Скопје и Софија сè уште остануваат заглавени во старите спорови. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски обвини дека Бугарија покажува неодговорност кон регионалните процеси и повтори дека Македонија бара достоинствено решение, а не решение по секоја цена. Во пресрет на посетата на Антонио Кошта, прашањето останува исто – може ли да се врати довербата и да се отклучи европскиот пат на земјава?

Во официјална Софија треба да има свест и одговорност кон регионалната безбедност и стабилност-порача шефот на дипломатијата Тимчо Муцунски. Според него, во пристапувањето на Македонија кон ЕУ и интегрирањето на Западен Балкан, во моментов имаат геостратешко значење, а Софија по ова прашање изразува неодговорност и негрижа – оценува Муцунски.
„Бидејќи односот на Софија по ова прашање во моментот е однос на неодговорност и негрижа. Ние сме земји членки на НАТО не видено во ова реме е партнери на НАТО да си поставуваат такви препреки едни спрема други. Така кога Софија повикува ние да бидеме посимплицирани мислам дека изјавата дека треба да бараме решенија да бидеме разумни. Јас ја повикувам Софија да погледне кон себе да биде одговорна кон регионални процеси кои се геополитички значајни“, изјави Тимчо Муцунски, шеф на македонската дипломатијата.
Во пресрет на посетата на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, Муцунски посочи дека во фокусот секако ќе бидат евроинтеграциите за кои во моментов постојат креативни идеи за достоинствен пристап кон Унијата, и секако отворените прашања со Бугарија, за кои самиот рече дека во овој период не е оптимист дека во скоро време може да се решат. Тој уште еднаш ги повтори позициите на Владата-нема решение по секоја цена, бараме гаранции од Брисел дека во иднина нема да се отворат прашања од национален интерес, и спроведување на одлуките на Судот за човекови права од Софија.
„Заклучоци од страна на Советот дека за оваа држава веќе нема да има барања поврзани со историја, идентитет, јазик и култура. Тоа се за нас дел од тој пакет гаранции, а дополнително и за пресудите на Судот за човекови права. Јасно сме ја кажале нашата позиција, доколку државата добие институционални гаранции од Советот и Бугарија реципрочно ги примени пресудите. Очигледно сме ја изградиле довербата“, изјави Муцунски.
За предлогот на германскиот канцелар Мерц, Муцунски посочи дека земјава во изминативе две децении има направено многубројни отстапувања од национален интерес за остварување на крајната цел, полноправно членство, но дека во меѓувреме, Владата е отворена да ги користи сите алатки кои се достапни во текот на процесот.
Марина Стојанова-Тонева
