Македонскиот балет со „14 часа“ ја освои Виена
Ваквите настани го шират гласот за Македонија низ светот и го афирмираат културното богатство...

„14 часа“ најгледаната балетска претстава на МОБ, синоќа во Виена докажа дека и македонскиот балет има што да покаже во земја со вековна културна традиција. Од долгиот и бурен аплауз грмеше реномираниот театар „Одеон“ на чија сцена заиграле врвни уметници.
„Многу уживав и во музиката и во настапот на танчерите... Музиката беше одлична, уживав во целиот настап...“, велат посетителите.
„Навистина ова е гордост не само за балетот, туку и за целата македонска култура воопшто“, изјави Иво Јанковски, од издавачката куќа „Трето уво“.
Ова е прво претставување на современиот балет „14 часа“ пред австриската публика која е добар познавач на балетската уметност.
„Уште еднаш потврдивме дека македонскиот балет може да биде рамо до рамо со европските балетски трупи“, рече директорот на МОБ, Дејан Прошев.
Ваквите настани го шират гласот за Македонија низ светот и го афирмираат културното богатство.
„Македонскиот балет е амбасадор на културата, ова е почеток на уште многу проекти во Виена, во Австрија“, нагласи Кире Илиоски, Амбасадор и Постојан претставник на РМ при Меѓународните организации во Виена.
„Тоа богатство што го поседуваме, таа автентичност, тоа културно наследство, треба и се почесто мора да го презентираме на светската сцена“, смета Елена Мисиркова, амбасадор на културата во Виена.
Со балетската претстава на МОБ завршија деновите на културното преставување на македонските вредности во Австрија.
Сунчица Николоска, специјален дописник од Виена за МРТ
