Одбојка

Нова одбојкарска ера

22.09.2014 10:36

Репрезентацијата на Полска е одново светскиот одбојкарски моќник. Сигурно и умешно минуваше низ тешките искушенија на долгиот пат до златниот медал...

Историјата на светската одбојка доби ново поглавје! Заврши имресивната ера на владеење на Бразил. Полска ги врати спомените на своето најславно одбојкарско време. Времето од пред точно 40 години, кога во височините на Сјудад Мексико генерацијата на Скорек, Војтович, Рибачевски, Гавловски го понесе првиот шампионски мундијалски сјај. Долго, одбојкарски една од најсилните нации чекаше на нови свои „пет минути“! Новите одбојкарски херои на Полска се Влазли, Мика, Клос... Секако и Стефан Антига, францускиот тренер-почетник , кој од одбојкарскиот терен како играч со сеуште неисушен дрес се нурна во мундијалската матица и заплива кон легендите. Репрезентацијата на Полска е одново светскиот одбојкарски моќник. Сигурно и умешно минуваше низ тешките искушенија на долгиот пат до златниот медал.
 
Селекција која два пати на исто натпреварување ќе го надигра  Бразил, која ќе ја совлада Русија, која ќе извојува 12 победи, заслужува да биде крунисана. Но, титулата е само едната страна од полскиот златен медал. Втората негова страна, која блеска со заслепувачки сјај е организацијата и амбиентот. Извонредни впечатоци и импресивни бројки остануваат зад тринеделното натпреварување. Преполни сали со родители и деца, млади и стари, цели семејства ... сите учествуваа во колоритната кореографија на трибините. Публика позитивна, со насмеани и весели лица, а без петарди, димни бомби, со почит а, без каква и да било агресија за противниците на домашната репрезентација. Повеќе од 600 илјади гледачи продефилираа низ беспрекорно уредените сали.Се случи незаборавно отворање  со над 60 илјади гледачи за кое долго ќе се зборува,а  за кое се потрошени повеќе од два милиони евра. Но, и со профит од  влезните билети и од телевизиските права продадени на повеќе од 100 ТВ компании.
 
Постигнато е организаторско совршенство, а одбојката подигната на ниво на спектакл! За натпреварувачките дострели заслужни се поголемиот дел од земјите учеснички. Најмногу славодобитниците Полска, Бразил и Германија. Речиси им беа рамни и Французите и Русите. За силните Италија, САД, Србија, Куба, Бугарија  гламурозниот завршен медал-фестивал во Катовице остана недофатлив. Но, одбојката е во перманентен освојувачки поход и на нови меридијани.
 
До вчера беше незамисливо репрезентацијата на Иран да биде шесторангирана, Аргентина да им пресуди на Американците, Камерун, Австралија, Венецуела да освојуваат сетови против традиционалните одбојкарски велесили. Не е претенциозно ако се каже дека со светското првенство во Полска започна нова одбојкарска ера. Нешто што во догледно време можеби тешко дека ќе се повтори, но момент кој одбојкарскиот спорт го однесе неколку чекори напред!
 
Златко Калински