Македонија

МВР со засилени контроли на мотоциклисти, мопеди и е-тротинети во рамки на европската акција на ROADPOL

03.06.2026 10:12

Акциските активности се насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат возила со две тркала, односно мопеди, мотоцикли и е-тротинети како едни од најзагрозените учесници во сообраќајот во делот на користење на соодветна заштитна опрема...

Министерството за внатрешни работи во периодот од 2 до 7 јуни, како членка на Асоцијацијата на европски сообраќајни полиции – ROADPOL, заедно со уште 34 европски земји, учествува во спроведување на зајакнати акциски сообраќајни контроли.

Акциските активности се насочени кон откривање и санкционирање на возачи кои управуваат возила со две тркала, односно мопеди, мотоцикли и е-тротинети како едни од најзагрозените учесници во сообраќајот во делот на користење на соодветна заштитна опрема, техничка исправност, право на управување и одговорно возење со почитување на сообраќајните правила и прописи, а со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и намалување на сообраќајните незгоди.

Имајќи предвид дека, се наоѓаме во период кога поради топлите денови овие возила интензивно учествуваат во сообраќајот, сообраќајната полиција ќе презема засилени контроли со превентивно-репресивни мерки на патиштата низ целата држава.

Министерството апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и да придонесат кон зачувување на сопствената и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, стои во соопштението.