Народна банка

Митреска од Виена: За побрз економски раст потребни се поголема продуктивност, дигитализација и диверзификација

03.06.2026 11:52

Вицегувернерката Ана Митреска на конференција на „Џ. П. Морган“ во Виена оцени дека македонската економија покажува отпорност и стабилен раст и покрај глобалните кризи, но предупреди дека за повисоки стапки на раст се неопходни структурни реформи, инвестиции во технологија и човечки капитал, како и поголема диверзификација на извозот и инвестициите.

Вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на конференцијата на „Џ. П. Морган“ во Виена истакна дека Северна Македонија во изминатите пет години бележела просечен економски раст од 3,3 проценти, што е блиску до проценетиот потенцијален раст, а економијата го надминала претпандемичното ниво за околу 12 проценти.

Таа нагласи дека за одржување на повисоки стапки на раст се потребни структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, иновациите и дигиталната трансформација. Според неа, продуктивноста во земјава е околу половина од просекот на Европската Унија, а дигитализацијата достигнува околу 70 проценти од европското ниво.

Митреска посочи дека земјава има добра основа за понатамошен дигитален развој, при што ИКТ-секторот бележи силен раст и учествува со околу 43 проценти во извозот на услуги.

Осврнувајќи се на надворешното економско окружување, таа истакна дека 76 проценти од македонскиот извоз е насочен кон Европската Унија, додека Германија учествува со околу 40 проценти во вкупниот извоз. Според неа, тоа ја потврдува потребата од поголема диверзификација на извозната структура и инвестициските текови.

Во однос на инфлацијата, Митреска оцени дека централните банки денес се во подобра позиција отколку за време на енергетската криза во 2022 година, нагласувајќи дека навремената монетарна политика и кредибилитетот на институциите се клучни за зачувување на ценовната и финансиската стабилност.