Македонија

МЖСПП: Ќе продолжи објавувањето на неделните извештаи на Инспекторатот за животна средина

03.06.2026 13:38

Министерството за животна средина и просторно планирање соопшти дека ќе продолжи со објавување на неделните извештаи на Државниот инспекторат за животна средина, нагласувајќи дека транспарентноста и навременото информирање на јавноста остануваат еден од неговите приоритети.

Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) денеска соопшти дека неделните извештаи за извршените инспекциски надзори на Државниот инспекторат за животна средина и понатаму ќе бидат јавно достапни, иако за тоа не постои експлицитна законска обврска.

Од Министерството посочуваат дека редовното објавување на овие информации е важен механизам за информирање на граѓаните и за зајакнување на довербата во институциите, особено кога станува збор за прашања поврзани со загадувањето и заштитата на животната средина.

Во соопштението се наведува дека институцијата се залага за поголема достапност на информациите од јавен интерес и за усогласување со европските стандарди за транспарентност.

МЖСПП информира и дека е во тек подготовка на техничките решенија за воспоставување Регистар на загадувачи, како и иницирање законски измени што ќе овозможат негово целосно функционирање и јавна достапност.

Целта, според Министерството, е граѓаните да добијат полесен пристап до податоците за состојбите во животната средина и постапувањето на надлежните институции.