Миленковиќ: Во Македонија има најсовремена инсулинска терапија

22.09.2014 11:41

Најважно за пациентите е да имаат добра гликемиска контрола, како и да се придржуваат до советите на нивните лекари во однос на исхраната, физичката активност...

Нема опасност по здравјето на пациентите доколку од еден вид инсулин се префрлат на друг соодветен инсулин под надзор на квалификуван специјалист од областа на дијабетесот. Најважно за пациентите е да имаат добра гликемиска контрола, како и да се придржуваат до советите на нивните лекари во однос на исхраната, физичката активност, избегнувањето на стресот,  честото мерење гликемија, како и соодветниот третман на напоредните заболувања, соопшти претседателот на Научното здружение на еднокринолози и дијабетолози на Република Македонија проф. д-р. Татјана Миленковиќ.
 
Во Република Македонија во моментов, има континуирано снабдување со најсовремена инсулинска терапија од најдобрите светски производители на инсулин, и во делот на хуманите инсулини и во делот на инсулинските аналози, така што за секој пациент со дијабетес поставен на инсулинска терапија постојат повеќе ефикасни и безбедни алтернативни опции, посочува д-р Миленковиќ.
 
Апелираме за воздржување од давање било какви изјави во јавноста кои се медицински неиздржани и со кои се шири страв и паника кај пациентите, и воедно ги повикуваме сите заинтересирани целокупната дебата да ја водат со својот лекар, односно во стручните медицински кругови, каде што ќе ги добијат и одговорите на нивните дилеми и прашања. Се што ќе биде надвор од ова, ќе го сметаме за крајно неодговорно, што не е во интерес на грижата за пациентите со дијабетес во Република Македонија, се вели во соопштението.