Стефан Богоев и уште тројца осомничени за местење тендери за чистење гранични премини
Обвинителството бара притвор за поранешниот директор на царината Стефан Богоев за местење тендер и земање мито од 1.800 евра. Осомничени со него се уште три лица за фаворизирање на компанија која го добила договорот вреден 300 илјади евра за одржување на хигиена на граничните премини и терминали. Обвинителството бара притвор за четворицата кои го изиграле законот и добиле награда за противзаконско влијание...

Поранешниот директор на Царината Стефан Богоев зел мито од 1.800 евра за конкретна фирма да добие тендер за чистење на граничните премини и терминали, тврди Обвинителството и Финансиската полиција.
Богоев и неговиот заменик, според наводите, фаворизирале фирма на која по мерка и скроиле тендер, а на конкуренцијата и кажале да не се меша во зделката. Договорот бил склучен на износ од 300 илјади евра. Со истрагата се опфатени и управителот на фирмата и негов колега.
Од Финансиската полиција велат дека осомничените свесно ги заобиколиле законите и од јули 2023 до март 2024 година го реализирале тендерот за чистење, а на фирмата и овозможиле да заработи 18,4 милиони денари.
„Првопријавениот како директор влијаел во тендерската документација и техничката спецификација да бидат внесени ограничувачки критериуми, а второпријавениот, како помошник директор, влијаел врз други правни субјекти да не учествуваат во постапките за јавна набавка, со што и му овозможиле на пријавеното правно лице да се стекне со противправна имотна корист“, соопштија од управата.
Анита Димитријевска - Велковска
