Пораката на Кошта за уставните измени не треба да не дестимулира, сметаат експертите
Пораките на претседателот на Европскиот совет, Кошта, уставни измени за формален почеток на преговорите според аналитичарите не треба да не дестимулираат, според дел од нив потребно е да се работи на креативни решенија, не треба да се застане...

Јасната порака на претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта, за Уставните измени како клучни за формален почеток на преговорите не е изненадување, но и не треба да не дестимулира смета експертската јавност. Потребно е да се работи на креативни предлози, велат аналитичарите. Марко Трошановски од „Институтот за демократија“ со предлог, уставни измени со внатрешен механизам на гаранции. Напредокот во добивањето на правата да се одвива чекор по чекор, како што државата ќе напредува во преговарачкиот процес.
„Излезот го гледам во уставни измени со развиен внатрешен механизам на гаранции кои ќе спречат злоупотреба на добивање на права и претставеност на бугарската заедница во институции, да прерасне во подривање на државноста наша во субверзивна активност на некој начин, имајќи в предвид негаторската политика која ја има бугарската држава кон Македонија. Има политичка транзиција по принципот на Преспанскиот договор каде со напредување на преговорите ние правиме одредени реформи. На тој начин би биле условени добивањето на правата, со тоа ние да напредуваме во поглавјата на преговарачката рамка“, вели Трошановски.
Да се голтне ваква кнедла потребно е да се создаде граѓанско мнозинство кое ќе поддржи опција дека економскиот развој е поважен од достоинството смета Александар Кржаловски од МЦМС. Според него апсурден проблем можеби најдобро се решава и со апсурдни решенија.
„Не треба да се застане, треба да се биде креативен, досега изговорот беше дека немаше политичка влада. Еве има, нека се почне со разговори, и она што го навестуваше ВМРО-ДПМНЕ за демонстрација на добра волја, реципроцитет на некој начин ќе ги задоволи некои од нашите чувства на став за следно блокирање. На крај може варијанта е да се направи банален проблемот. Во Србија и Хрватска имаат по 25 малцинства во уставите, да ги ставиме сите, ајде да го направиме апсурден проблемот. И ќе се даде одговор дека нешто правиме, политичарите нека одлучат“, вели Кржаловски.
Сосема сме во право да бараме гаранции и имплементација на пресудите од Стразбур, но ЕУ нема да се предомисли, смета Кржаловски. Вели дека прилично долго ќе потрае, доколку се одлучиме да чекаме Унијата консензуално да одлучи по ова прашање да се одлучува без консензус.
Марина Стојанова Тонева
