Ревизија

Неправилности во работењето на Академијата за судии и јавни обвинители

04.06.2026 14:26

Според извештајот за 2024-та, надоместоците биле исплаќани во полн износ на месечно ниво, без да се земе предвид присуството на седниците, а во одредени случаи исплати биле вршени и во месеци кога не биле одржани состаноци.

Спорни исплати на надоместоци, прекршувања на процедурите за јавни набавки и слабости во контролата на трошењето на јавните средства, открил Државниот завод за ревизија во работењето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.

Според извештајот за 2024-та, надоместоците биле исплаќани во полн износ на месечно ниво, без да се земе предвид присуството на седниците, а во одредени случаи исплати биле вршени и во месеци кога не биле одржани состаноци. За оваа намена биле исплатени околу 57.000 евра, од кои приближно 32.000 евра за членовите на Управниот одбор и 25.000 евра за членовите на Програмскиот совет.

Во делот на јавните набавки, ревизорите констатирале дека Академијата во периодот од 2011 до 2023 година користела ист економски оператор преку постапки на преговарање без објавување оглас.

Во дел од тендерските постапки биле утврдени критериуми кои не биле директно поврзани со предметот на набавката, а во одредени случаи биле набавувани стоки и услуги без спроведување соодветна постапка за јавна набавка.