Добрососедство

Муцунски: Услови за уставни измени нема, но можат да се создадат ако се изгради меѓусебна доверба со Софија

04.06.2026 11:52

И по посетата на Кошта, владата останува на ставот дека се потребни институционални гаранции од Брисел дека ќе нема нови блокади, но и Бугарија да ги исполни обврските за македонското малцинство. Шефот на дипломатијата Муцунски препознава желба во ЕУ да се стимулира дијалогот со Софија.

Македонската влада останува на цврстата позиција и по посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта – во моментов, не се создадени услови за уставни измени. Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски објаснува дека само со градење меѓусебна доверба со Софија и добивање институционални гаранции, условите за менување на Уставот може да созреат.

„Кога би очекувала ние да го внесеме бугарското малцинство во нашиот Устав, најмалку што би можело да направи е да си ги исполни своите обврски согласно меѓународното јавно право, односно тука мислиме на Европската конвенција за човекови права. Тоа што го чувствувам од највисоките претставници на ЕУ е дека има желба за стимулирање на дијалог меѓу двете држави и од таа гледна точка ние ќе бидеме не само конструктивен, туку и продуктивен чинител“, рече Муцунски.

Муцунски е задоволен што првиот човек на Европскиот совет ја потврди посветеноста на спроведувањето на потребните реформи. Согласен е со дел од наводите од последниот Нацрт-извештај за Македонија, разгледуван во Еврпскиот парламент, со кои се бара поголем напредок во судските реформи, владеењето на правото и борбата против корупцијата и се нотира дека досега направеното, не е доволно.

„Извештајот, јас би рекол во тој дел е балансиран. Онаму каде што дава критика на пример за неиспорака во делот за борбата против високата корупција. И јас не сум задоволен за степенот по којшто правосудството врши испорака по предметите за висока корупција. Има и критики, но има исто така и пофалби за одредени реформи кои државата ги спровела. Државата работи и државата спроведува реформи. Пофалена е надворешната политика и стратешката позиција на државата“, нагласи шефот на дипломатијата.

Во последниот Нацрт-извештај на Европскиот парламент што се однесува на периодот до декември лани, европратениците ја потврдија својата поддршка за европската интеграција на земјава, нагласувајќи дека напредокот во пристапните преговори директно зависи од суштински и длабоки реформи, но клучен предуслов остануваат уставните измени.

Марија Котовска