СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со спротивставени толкувања по посетата на Кошта
Посетата на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и усвоениот извештај за Македонија во Европскиот парламент предизвикаа нов бран политички реакции.

Не запираат партиските реакции по посетата на Кошта и усвоениот извештај на известителот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц.
Според СДСМ, Кошта јасно и недвосмислено порачал дека уставните измени се единствениот услов за отворање на пристапните преговори со Европската унија. Дополнително, според нив, Вајц и членовите на Комитетот за надворешни работи констатирале дека нема напредок во владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ го критикуваат Филипче дека наместо да се бори за подобра преговарачка позиција на Македонија, упорно се бори за спас на неговата политичка кариера.
„Владата останува цврсто посветена кон европскиот пат, но тој пат треба да биде базиран на принципи, а самиот процес да е кредибилен и предвидлив“, велат од владејачката партија.
Се огласија и од ЗНАМ, оттаму велат – Македонија спроведува реформи и испорачува резултати, но заштитата на националното достоинство е нашата црвена линија.
