Тиват

Утре самит ЕУ – Западен Балкан во Тиват

04.06.2026 14:49

Утре во Тиват ќе се одржи самитот ЕУ – Западен Балкан. Во фокусот проширувањето, безбедносните партнерства, економската интеграција. Пред состанокот, српската безбедносна агенција го советувала Вучиќ да не патува за Црна Гора зашто шефот на кавачкиот клан, Радоје Звицер бил таму. Црногорското МНР уверува – ќе направиме сè за безбедноста на сите учесници.

Српската безбедносно-информативна агенција го советуваше претседателот Вучиќ да не патува во Тиват на самитот ЕУ-Западен Балкан, од безбедносни причини, поради непријателско дејствување на странски служби и криминални кланови во Црна Гора. Од БИА велат дека имаат сознанија оти водачот на кавачкиот клан, Радоје Звицер се наоѓа во Црна Гора. Српскиот претседател, по состанокот со претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, потврди дека ќе отпатува во Црна Гора на самитот, нагласувајќи дека е важно да оди и да ја претставува Србија, и покрај предупредувањето дека неговиот живот е загрозен.

„Што се однесува до Агенцијата за безбедност и информации, ја добив писмено, ја прочитав, секако не разговарав за тоа со г. Кошта, одам во Црна Гора и многу е важно да ја претставувам Србија, така што сè е нормално. Ќе одам и ќе кажам сè што имам за овие разни игри каде што Србија е претставена како „мала Русија“, а тие нешто слично како балтичките земји, секогаш загрозени од нас. Значи, ќе зборувам за тоа, но во Црна Гора, бидејќи не се плашам да ја кажам вистината“, изјави Александар Вучиќ - претседател на Србија.

Кошта ја истакна регионалната соработка како важен услов за проширување на ЕУ. Во своето обраќање изјави дека инвестиција во мирот, стабилноста и безбедноста на нашиот континент е во корист на граѓаните на Европа и Србија.

„Проширувањето се темели на градење доверба. Патот е тежок, но јасен. Треба да се фокусираме на негување на добрососедските односи и регионалната соработка. Дијалогот меѓу Белград и Приштина и спроведувањето на охридскиот договор се клучни во овој поглед. Потоа, усогласувањето со политиките на ЕУ, особено надворешната и безбедносната политика. Ве охрабруваме да го реформирате владеењето на правото, вклучувајќи ги препораките на венецијанската комисија, потоа слободата на медиумите, како и реформирањето на изборната рамка, односно спроведувањето на препораките на ОДИХР пред следните избори“, изјави Антонио Кошта – претседател на Европскиот совет.

Од Министерството за надворешни работи на Црна Гора пак, објавија дека во пресрет на самитот во Тиват, прават се за да обезбедат успешно и достоинствено одржување на овој важен меѓународен настан. Во меѓувреме, на 87 српски државјани, приврзаници на српската напредна партија им беше забранет влез во Црна Гора поради безбедносни ризици. Најавено е дека самитот ќе го обезбедуваат над 1.500 полициски службеници.

Катерина Бојаџиева