Драмски театар со претставата „Мачкина глава“ го отвора 60. МТФ „Војдан Чернодрински“
Со праизведба на „Мачкина глава“ на 21 април годинава Драмски ја одбележa 80-годишнината на театарот. Претставата е работена по текст на Венко Андоновски. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.

Утре во Прилеп со претставата „Мачкина глава“ на Драмски театар Скопје свечено се отвора 60. МТФ „Војдан Чернодрински“. Претставата ќе биде изведена во Центар за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп во 20 часот.
Јубилејниот 60. МТФ „Војдан Чернодрински“ годинава под мотото „Храбриот нов театар“, ќе отвори дијалог за кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот, повикувајќи на театар што има став, што провоцира, преиспитува и не молчи. „Фестивалот е мост меѓу традицијата што ја наследуваме и иднината што ја создаваме – меѓу минатото, сегашноста и новите театарски визии“ - велат организаторите предводени од уметничката директорка на фестивалот проф. д-р Ана Стојаноска.
Со праизведба на „Мачкина глава“ на 21 април годинава Драмски ја одбележa 80-годишнината на театарот. Претставата е работена по текст на Венко Андоновски. Режисер на претставата е Дејан Пројковски.
За текстот на „Мачкина глава“ Андоновски ја добил наградата на ЕУРОДРАМ ̶ за најдобри драми во Европа во 2022 година. Авторот за текстот ја сподели мислата дека: „Се прашував дали е возможно денес да се напише ‘Диво месо’ од Горан Стефановски. Ги задржав контурите на ‘Диво месо’ и во ‘Мачкина глава’ се обидов да го искажам крикот на денешниот свет. Свет на војни и цивилизациски неразумности на релација Исток-Запад во кој ние како општество, цивилизација и култура сме на граничникот.“
Режисерот Пројковски за претставата кажа дека е работена како постмодерна базирана на два пола, традицијата и катарзата во која се преклопуваат личната среќа и љубовта, страсти, желби и соништа на „малиот човек“.
Во уметничкиот дел од тимот на претставата „Мачкина глава“, режисерот соработуваше со сценографот Валентин Светозарев, костимографката Марија Пупучевска, асистентка на костимографката е Марија Ѓоргиевска, а музиката во претставата ја компонираше Горан Трајкоски. Скулптор е Ангел Петровски, а фотограф Драган Гајиќ. Инспициент во претставата е Жарко Намичев, а суфлер е Милка Анчевска.
Ликовите во претставата „Мачкина глава“ и актерска екипа се: Спиридон - Рубенс Муратовски, Марија - Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ѕвездан - Филип Трајковиќ, Симон - Александар Степанулески, Сара - Сара Климоска, Џорџ - Игор Ангелов, Мериен - Сања Арсовска, Штерјо - Златко Митрески и Панзо - Предраг Павловски.
