Со фиктивни испратници и фалсификувани документи заработиле над 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против 43-годишен жител на општина Конче и правен субјект од Радовиш поради сомнеж за злоупотреба на службена положба, фалсификување исправи и употреба на документи со невистинита содржина. Според истрагата, со незаконска продажба на дрвна маса и фалсификувани испратници биле стекнати над 1,43 милиони денари противправна имотна корист.

СВР Струмица – ОВР Радовиш до Основното јавно обвинителство Радовиш поднесе кривична пријава против С.К. (43) од селото Дедино, општина Конче, и против правен субјект од Радовиш поради сомнение за повеќе кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и фалсификување документи.
Според полицијата, С.К., како одговорно лице во правниот субјект, изготвувал фиктивни испратници за испорака на огревно дрво на непостоечки лица, без наведена адреса за испорака, а во дел од документите вршел и корекции на податоците за количината и видот на дрвните сортименти.
Со ваквите дејствија овозможил во промет да биде пуштена незаконски стекната дрвна маса од 173,31 кубен метар, со што стекнал противправна имотна корист од 864.262 денари.
Во истрагата било утврдено и дека кај 27 испратници има разлики меѓу прикажаната и реално испорачаната количина на огревно дрво. Додека во документите биле евидентирани 46 кубни метри, теренските проверки покажале дека биле испорачани вкупно 149 кубни метри. На тој начин биле продадени дополнителни 103 кубни метри дрва, со што биле остварени уште 566.500 денари противправна корист.
Дополнително, С.К. во испратниците го фалсификувал потписот на лицето овластено за нивно потпишување и ги користел документите во правниот промет како валидни исправи.
Вкупната противправна имотна корист што ја оствариле пријавените, според полицијата, изнесува 1.430.762 денари.
