Кривичен суд

Ново рочиште за случајот „Ипард“

04.06.2026 17:05

Во скопскиот Кривичен суд почна судскиот процес за злоупотребите на ИПАРД програмата. Им се суди на осуммина за примање и давање поткуп во износ од 50 илјади евра, за која сума, фирма која не ги исполнувала условите требала да добие пари од европската програма за рурален развој.

Обвинетите имале обврска законски да ги трошат европските пари, но наместо тоа се впуштиле во корупција и договорно ја изиграле процедурата, уривајќи го угледот на земјава пред Европската унија, рече во воведен говор обвинителката за случајот ИПАРД. Со докази од ПИ мерки и пишана кореспонденција, обвинителството ќе докажува дека Џевдет Насуфи – поранешен министер за правда, сега газда на фирма понудил пари за да добие проект од европската програма за рурален развој.

Адвокатот на ексминистерот Насуфи вели дека неговиот клиент ниту понудил, ниту дал мито за неговата фирма да добие повеќе бодови и да се рангира повисоко на листата.

Вина негира и поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството Илија Стоилев, чиј бранител тврди дека директорот не учествувал во постапката за рангирање на фирмите.

Во обвинението стои дека Стоилев требало да добие награда од 50 илјади евра за фирмата на Насуфи да ги добие европските пари, а тројцата негови колеги зеле по 5000 евра за да го поттикнат да стави потпис на одобрението.

 

Анита Димитријевска - Велковска