Притвор за Богоев и уште тројца осомничени
И покрај понудените гаранции, поранешниот директор на царината, Стефан Богоев и другите тројца осомничени завршија во притвор за злоупотреби со јавна набавка, а некогашниот висок функционер на СДСМ и за примање награда. Oдбраната се жали на одлуката на судијата на претходна постапка, власта очекува случајот да се истера докрај.

Поранешниот директор на царинската управа, Стефан Богоев заврши во 30-дневен притвор. Ваква одлука донесе судија на претходна постапка откако доцна синоќа беше сослушан во Кривичниот суд. Во притвор одат и останатите тројца осомничени. Мерката е определена поради опасност од бегство и можност од влијание врз сведоците во текот на истрагата.
Адвокатката на Богоев вели дека одбраната понудила гаранции кои во комбинација со други мерки би гарантирале дека Богоев нема да бега, но од судот не ги прифатиле, за што ќе се жалат до кривичниот совет.
„Определен е 30 дневен притвор, не очекувавме таква одлука особено затоа што станува збор за предмет којшто е од финансиска природа а не од насилен криминал. Како што сме запознаени, не само што ние како одбрана понудивме гаранција и другите бранители за другите осомничени имаат понудено гаранција со којашто во комбинација со другите мерки на претпазливост можеше да обезбеди присуство на осомничените и нивно оневозможување за меѓусебна комуникација, како и со сведоците кои би биле во постапката“, изјави Сања Алексиќ – адвокатка на Стефан Богоев.
Целосно расчистување на случајот со спорниот тендер во царинската управа, поради кој Богоев и уште тројца осомничени завршија во притвор побараа од ВМРО – ДПМНЕ. Од партијата убедени дека има цврсти докази за стореното кривично дело.
„Богац по стапките на Заев, си побарал и подарок за себе, а Џемо истиот му го овозможил. Затоа, поранешниот градоначалник на Карпош, Стефан Богоев, се товари и за примање на награда за противзаконито влијание, вредна околу 2.000 евра. Очекуваме од надлежните институции, дека овој пат ќе ги разгледаат сите докази со кои располагаат и ќе го седнат на обвинителната клупа, несудениот наследник на Заев, Стефан Богоев“, изјави Миле Лефков – ВМРО – ДПМНЕ.
Поранешниот висок функционер на социјал демократите е под истрага поради сомнежи за примање поткуп во висина од 1.800 евра. Според истрагата тој и уште тројца осомничени скроиле тендер со услови кои и одговарале на одредена фирма, вреден околу 300 илјади евра. Фирмата до добила тендерот за чистење на граничните премини и терминали.
Андријана Ѓурческа
