Македонија

Битолските пожарникари добиваат нова опрема пред летната сезона

04.06.2026 19:30

Територијалната противпожарна единица Битола, која со 32 пожарникари и 14 возила ги покрива општините Битола, Новаци и Могила, како и два национални парка ќе добие ново теренско и противпожарно возило. Надлежните очекуваат дека новата опрема ќе ја зголеми ефикасноста во справувањето со шумските пожари, додека од единицата се надеваат и на нови вработувања пред почетокот на летната сезона.

Со 32 пожарникари и 14 возила за гасење на пламени јазици, ТППЕ Битола од пожари на отворено и пожари во објекти ги брани општините Битола, Новаци и Могила, но и два национални паркови. Возниот парк ќе се збогати за теренско возило за тешко достапни терени и за противпожарно возило-цистерна. Денеска се изврши презентацијата од страна на Центарот за развој на пелагонискиот регион.

Превенцијата и навременото справување со шумските пожари треба да биде приоритет на секоја институција, а преку проектот „Фајр флај“, поефикасно ќе се справуваме со климатските промени и последиците од нив, вели заменик министерот за локална самоуправа.

Благодарение на пролетните дождови, годинава во однос на истиот период лани евидентирани се 90 пожари помалку во шумските предели.

Од ТППЕ Битола се надеваат дека пред стартот на летото и високите температури ќе добијат и засилување преку вработувања на млади пожарникари.

Ружица Аџикотарева-Ѓоршевска