Украина

Зеленски му понуди на Путин директни преговори, прекин на огнот и средба во трета земја

05.06.2026 13:43

Во отворено писмо, Зеленски му понуди на Путин директни преговори, прекин на огнот и средба во трета земја. Киев уверува дека е подготвен целосно да ги запре непријателствата и да го почне дипломатскиот процес. Од Кремљ велат, ако Зеленски сака разговор, може да дојде во Москва. Трамп ја поддржа идејата за директен дијалог. На фронтот, војната продолжува.

Украинскиот претседател му испрати писмо на Путин во кое предлага директни мировни преговори, прекин на огнот и средба во трета земја како чекор кон крај на војната. Зеленски нагласи дека земјата е подготвена целосно да ги запре непријателствата и да го почне дипломатскиот процес. Од Кремљ велат, ако Зеленски сака разговор, може да дојде во Москва.

„Доста е со војна. Украина предлага да се стави крај на оваа војна. Ова мора да се направи чесно, со достоинство и со гаранции дека војната нема да се разгори повторно. Предлагам состанок. Сите ги слушнаа вашите претставници, насмеани, како велат дека наводно би можел да дојдам во Москва. Постојат земји кои традиционално биле домаќини на лидери за решавање на прашања од војна и мир. Швајцарија, Турција и земјите од арапскиот свет – многумина се способни и спремни да бидат домаќини на таков состанок“, изјави Отворено писмо од претседателот Зеленски.

Претседателот на САД ја поддржува идејата за директен дијалог и вели дека било одлично претседателите на Русија и Украина да се сретнат и да постигнат договор за прекин на конфликтот. Во исто време, Претставничкиот дом на САД го усвои предлог-законот за помош на Украина до девет милијарди долари и нови санкции за Русија.

„Мислам дека имавме многу врска со тоа. Знам точно што прават, но би било одлично ако мислат дека треба да го завршат тоа“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Од Меѓународниот форум во Санкт Петербург, шефот на Кремљ побара Европа да запре со обвинувањата и ако сака да соработува да го остави настрана колонијалниот пристап и да разговараат со Русија како со рамноправен партнер. Путин негираше борбена употреба на ракетата Орешник“ против Украина.

„Тестиравме слични системи на тест полигони, но овој не го тестиравме. И ова не е борбена употреба. Немавме ниту една борбена употреба на ракетата Орешник во вистинска смисла на зборот на украинска територија. И последната – да бидам искрен, ќе откријам голема воена државна тајна. Едноставно нападнавме таму каде што беше погодно да ги набљудуваме резултатите“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Војната продолжи и изминатото деноноќие. 200 беспилотни летала и две ракети биле пресретнати над неколку региони. Меѓународната агенција за атомска енергија соопшти дека преговарала за привремен локален прекин на огнот меѓу Украина и Русија што ќе овозможи поправки на далноводите до нуклеарната централа Запорожје.

Маријана Димовска