Tанцовата претстава „АЈДЕ!“ вечерва во македонскиот КИЦ во Загреб

05.06.2026 10:56

Инспирирана од празникот Едерлези (Ѓурѓовден) – симбол на радост, заедништво и нов почеток – претставата преку ритам, музика и движење ја оживува ромската култура и фолклор, отворајќи современи прашања за личната слобода и општествените рамки.

Вечерва на сцената на Загрепскиот танцов центар, ќе биде изведена танцовата претстава АЈДЕ!, во кореографија на реномираните македонски уметници Игор Киров и Бојан Мицев, на Motion Network продукција, како дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб.

АЈДЕ! ја носи публиката низ богатата музичка и културна традиција на ромската заедница, преку современ танцов израз кој обработува теми на љубовта, слободата, припадноста и општествените норми. Инспирирана од празникот Едерлези (Ѓурѓовден) – симбол на радост, заедништво и нов почеток – претставата преку ритам, музика и движење ја оживува ромската култура и фолклор, отворајќи современи прашања за личната слобода и општествените рамки.

Гостувањето на АЈДЕ! претставува дел сопствената програма на македонскиот КИЦ во Загреб, со која се промовира современото македонско уметничко творештво и се зајакнува културната соработка меѓу Македонија и Хрватска.

Продукцијата на претставата е поддржана од Министерството за култура и туризам, Општина Штип и ЕАМ Штип, а гостувањето во Загреб се реализира во соработка со македонскиот КИЦ, Motion Network продукција и Загрепскиот танцов центар со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Изведбата ќе започне во 20:00 часот во Загрепскиот танцов центар.