При голем метеж на границите, Грција може привремено да ги суспендира биометриските проверки
Грчките власти ќе можат привремено да ја намалат примената на биометриските проверки во системот за влез и излез (ЕЕС) на одредени гранични премини доколку има прекумерен сообраќај и долги редици. Можноста важи до 8 јули, а може да биде продолжена до 6 септември годинава.

При зголемен сообраќај на граничните премини, Грција може привремено да ја суспендира постапката за земање биометриски податоци во рамки на европскиот Систем за влез и излез (ЕЕС), со цел да се забрза протокот на патници и возила.
Според одговори на пратенички прашања од заменик-министерот за заштита на граѓаните, Јоанис Ламбропулос, регистрацијата на патниците и натаму ќе биде задолжителна, но во исклучителни околности може да се врши без фотографирање и земање отпечатоци од прсти.
Мерката е предвидена со европската регулатива и засега важи до 8 јули 2026 година, со можност автоматски да биде продолжена до 6 септември.
Системот ЕЕС целосно е во функција во Грција од 10 април годинава и ја замени досегашната практика на ставање печати во патните исправи на државјаните од земји кои не се членки на Европската Унија.
Од грчките власти посочуваат дека ги користат сите можности предвидени со европското законодавство за да обезбедат непречен проток на патници, особено на фреквентните гранични премини каде во летниот период се создаваат долги колони.
