Куманово

Се отстрануваат времени објекти во Куманово

05.06.2026 16:06

Во Куманово во тек е акција за отстранување на 50-ина времени објекти. Дел од нив функционални, други запуштени. Надлежните ќе бараат решение и за склонопадните. Граѓаните со години во страв при движењето.

Се отстрануваат времени објекти на булеварот „Октомвриска револуција“ во Куманово. Опфатени се околу 50 бараки, за кои сопствениците пред неколку месеци добиле решение да го ослободат просторот. Општината им дава куси рокови. Жителите на околните згради на овој простор со години реагираа на угостителските објекти и бучавата што се создава. Дел од нив беа запуштени.

„Апелирам особено до сопствениците коишто тој простор го користеле и државното земјиште на тие локации, апсолутно бесплатно со децении да бидат ревносни да ги дислоцираат самите објекти, во спротивно општината ќе ги изврши истите, ќе ги дислоцира и ќе бара надомест за интервенцијата за извршување“, истакна кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски.

На локацијата ќе се изградат нови паркинг места, како и урбан сквер. До крајот на годината од надлежните ветуваат и уредување на местата во центарот на градот, каде неодамна се отстранија угостителски објекти.

И во срцето на Куманово, локацијата Чоробенско ќоше, ќе продолжи отстранувањето на времени но и склонопадни објекти.

Граѓаните со години бара решение и за склонопадните објекти. Истите се опасност за минувачите, но и возилата. Во неколку наврати се уриваат дотраени објекти.

Според проценките, дотраени објекти во Куманово има околу 20-ина. Од почетокот на годината се води постапка за отстранување на четири.

Елена Георгиевска