Наместо на депонии текстилниот отпад да се преработува
Текстилниот отпад кај нас сè уште се третира како еколошки проблем, а не како ресурс кој може да се реупотреби и рециклира. Штип работи на отворање центар за текстилен отпад проектиран како сегмент од циркуларна економија но и менување на јавната свест за односот кон старите алишта.

Секоја општина со над 30 илјади жители има законска обврска да обезбеди место за текстилен отпад кој потоа може да се реупотреби или рециклира. Општина Штип во соработка со Фондацијата за развој на локалната заедница ваков центар ќе отвори за неколку месеци.
Проекциите се дека околу 150 тони текстилен отпад годишно наместо на штипската депонија, ќе се третира во центарот.
Текстилниот отпад е ресурс за производство на изолациски и градежни материјали, има примена во индустријата за мебел и нови текстилни производи. Кај нас текстилот сè уште е само еколошки проблем и причина за честите пожари на депониите.
Славица Величковска
