Гугл Street View автомобилите започнуваат да возат и снимаат низ Македонија

22.09.2014 13:57

Од Гугл велат дека планираат возењето наскоро да го прошират и низ другите градови и села, а ќе покријат колку што е можно повеќе од патната индфраструктура низ земјава...

Гугл денеска најави дека ќе започне да вози низ Македонија, со цел да го подобри квалитетот на Google Maps и да собере слики за популарната опција Street View. Од 29 септември, Гугл автомобили ќе започнат да возат и да собираат 360° фотографии во Скопје и Битола, како и во другите поголеми македонски градови. Возењето понатаму ќе продолжи со покривање на помалите градови и села, во текот на наредната година.

Street View е многу популарна опција на Google Maps која беше лансирана во мај 2007 година и е веќе достапна низ 59 земји. Таа им овозможува на корисниците виртуелно да истражат и да се движат низ одредено маало, преку панорамските слики направени на реално ниво од улицата. Опцијата е возможна исто така во Google Earth и на мобилната верзија на Google Maps.

„Слушаме од многу наши корисници во Македонија дека би биле навистина возбудени да имаат Street View достапно и во Македонија. Затоа денес сме особено среќни да го најавиме почетокот на возењето и да ги направиме убавите улици и градови на прекрасната Македонија отворени за корисниците низ целиот свет. Македонските бизниси и корисници исто така ќе уживаат во многуте бенефити на услугата”, изјави Амита Катри, Програмски менаџер за Street View во Гугл.

Од Гугл велат дека планираат возењето наскоро да го прошират и низ другите градови и села, а ќе покријат колку што е можно повеќе од патната индфраструктура низ земјава.

„Ми претставува особено задоволство дека благодарение на Google Street View светот може да ја види Македонија во нова димензија, преку компјутери или смартфони. Ова е од особено значење за туризмот и ќе придонесе кон подобро позиционирање на Македонија на светската мапа на атрактивни дестинации, каде убавината на земјата може да се види преку кој било уред приклучен на интернет“, изјави министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски.

Од Дирекцијата за заштита на личните податоци уверуваат дека приватноста на луѓето е обезбедена.

„Веруваме дека заедничката блиска соработка и кореспонденција што ја имаме со Гугл во изминатиот период ќе резултира со помал упад на приватните работи на нашите граѓани“, нагласи директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Димитар Ѓеоргиевски.

Собраните фотографии ќе бидат обработени и внимателно споени, што е технолошки процес кој може да одземе неколку месеци. Тие ќе бидат достапни подоцна на Street View на Google Maps.