Економија

Дигитални вештини, практични знаења, креативни работници - бараат компаниите кои се соочуваат со недостиг од стручен кадар

05.06.2026 16:11

Додека компаниите сè почесто алармираат дека не можат да најдат соодветен кадар, а илјадници млади дипломираат секоја година, останува прашањето – дали дипломата сама по себе е доволна? На конференцијата во организација на Стопанската комора на Македонија се отвори дебатата за новата улога на универзитетите, потребата од практични вештини и начинот на кој образованието може да создава компетенции што ќе значат поголема конкурентност и подобри можности за младите на пазарот на трудот...

Практични знаења, дигитални вештини, креативни работници кои ќе се подготвени да носат одлуки, бараат компаниите кои се соочуваат со недостиг од кадар во време на брзи технолошки промени и зголемена потреба на работна сила на пазарот на труд. Квалификуваната работна сила пак, тешко наоѓа работа според квалификацијата. Оваа контрадикторна ситуација е резултат на неусогласеноста на студиските програми со реалните потреби на стопанството, вели бизнис-секторот.

Преку Советот за високото образование последниве години се зголемуваат иницијативите за продлабочување на соработката помеѓу бизнис-секторот и академската заедница за создавање кадар кој ќе одговара на потребите на современата економија.

Студентите уште за време на студирањето треба да стекнуваат практично искуство преку стажирања, практична работа и учество во реални проекти за јакнење на истражувачката и иновативната соработка меѓу академијата и компаниите, е еден од заклучоците од средбата.

 

Александра Велинова