Интеграции

Мицкоски до Мерц и Макрон: Целта е да се напредува во реформите, но без да се загуби достоинството

05.06.2026 16:47

Мицкоски на средбите со канцеларот Мерц и со францускиот претседател Макрон ги презентирал ставовите дека целта е да се напредува во реформите, но без да се загуби достоинството...

Шефот на македонската влада, Мицкоски на средбите со канцеларот Мерц и со францускиот претседател Макрон ги презентирал ставовите дека целта е да се напредува во реформите, но без да се загуби достоинството. Пред почеток на самитот тој не открива повеќе детали, но очекува отворен разговор особено за нон-пејперот направен од Германија и Франција.

Во Тиват е присутен и бугарскиот премиер Радев кој пред медиумите вели, сите треба да ги исполнат копенхашките критериуми, а како што истакна особено Бугарија е подготвена за помош, на како што кажа браќата од Северна Македонија.

Бугарија е подготвена да помогне на која било земја аспирант за членство, особено на нашите браќа од Северна Македонија. Нив ги чекаме да ја исполнат преговарачката рамка. Сите имаме консензус од јули 2024, и ги чекаме да го сменат Уставот и да ги впишат Бугарите во Уставот. Тоа е многу едноставно“, изјави Радев.

Претседателката на Европската комисија пак, Фон дер Лајен го посочува Мерит-системот за земјите кандидати како највалиден за членство. Коментира, истиот да биде побрз, но кредибилен преку спроведување на реформите. И Фон дер Лајен како и Кошта пред неколку денови, вели сега е моментумот.

„Земјите кандидати треба да објаснат на нивните граѓани за бенефитите од проширувањето, но и ние да ги објасниме придобивките од тоа проширување. Проширувањето значи стратешка компонента, поголема сигурност, просперитет и значајно место на Европа во светот“, изјави Фон дер Лајен.

Во пресрет на самитот, Германија и Франција испратија нон-пејпер во кој предлагаат постепена интеграција на земјите од југоисточна Европа и Молдавија и поедноставување на процесот на преговори, кој би продолжил да се базира на заслуги.

Викторија Милевска