На рочиштето за „Пулс“ презентирани видеа со времето на пристигнување на полицајците пред дискотеката
Ново рочиште во судскиот процес против 13 мината полициски службеници, инволвирани во случајот „Пулс“. Тие се товарат за кривично дело, тешки дела против општата сигурност. Полицајците, кои трагичната вечер биле дежурни и распределени на работа во „Пулс“, на претходното рочиште, се изјаснија како невини.

Ново рочиште во судскиот процес против 13 мината полициски службеници, инволвирани во случајот „Пулс“.
Тие се товарат за кривично дело, тешки дела против општата сигурност. Полицајците, кои трагичната вечер биле дежурни и распределени на работа во „Пулс“, на претходното рочиште, се изјаснија како невини.
На последното рочиште пак, на кое се изведуваа материјалните докази на обвинителството, беа презентирани видеозаписи од кобната вечер, од моментот на пристигнувањето на полициските службеници пред објектот „Пулс“, како и од текот на концертот.
Според обвинителството, полициските службеници се упатиле кон влезот на објектот во 2 часот и 22 минути, а пиротехниката била активирана во 2 часот и 32 минути. Одбраната пак реагираше дека од приложените видеа, не може точно да се утврди времето на влез на полициските службеници во објектот, како и точниот момент на активирање на пиротехниката.
И додека обвинителството тврди дека полицајците не преземале мерки за спречување на употребата на пиротехниката, одбраната вели дека тие работеле согласно планот за акциска контрола, при тоа не знаејќи дека ќе се користат прскалки кои ќе предизвикаат пожар.
Бараме правична постапка, заснована на фактите од кобната ноќ, истакна една од обвинетите, вршителката на должност началничка на ОВР Кочани, Марија Манева, додавајќи дека дел од доказите на обвинителството, всушност ја докажале нивната невиност.
На рочиштето беа презентирани и обдукциските извештаи на жртвите. Смртта кај сите настанала по насилен пат, во најголем дел од задушување, односно труење со јаглероден моноксид, недостаток на кислород и притисок врз градниот кош.
Во случајот „Пулс“, се водат три различни судски постапки за три групи на полициски службеници, согласно три категории на обвиненија.
Марија Котовска
