Финансии

Народната банка и ЕБОР ќе ја продлабочуваат соработката за финансиска вклученост и одржлив развој

05.06.2026 18:42

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на средба со директорот на ЕБОР за Југоисточна Европа, Гжегож Желињски, во Рига разговараше за унапредување на финансиската вклученост, поддршката за женското претприемаштво и подготовките за спроведување на Законот за решавање банки.

Гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески, во рамки на Годишното собрание на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во Рига, оствари работна средба со директорот на ЕБОР за Југоисточна Европа, Гжегож Желињски. На состанокот присуствувал и претставникот на ЕБОР во земјава, Фатих Туркменоглу.

На средбата била истакната успешната соработка меѓу Народната банка и ЕБОР во поддршката на одржливиот економски развој, со посебен акцент на финансиската вклученост и подобрувањето на пристапот до финансии за различни категории корисници, вклучително и жените претприемачи.

Славески нагласил дека Народната банка продолжува со активностите за финансиска едукација и поддршка на женското претприемаштво преку Кодексот за финансирање жени претприемачи, при што во наредниот период фокусот ќе биде ставен на проширување на коалицијата и унапредување на податоците во оваа област.

Соговорниците разговарале и за подготовките за примена на Законот за решавање банки, кој треба да стапи во сила во втората половина од годинава. Од ЕБОР била изразена подготвеност за поддршка на Народната банка и банкарскиот сектор во спроведувањето на новите регулативи, особено во делот на исполнување на новите барања за капитал и обврски на банките.

На состанокот станало збор и за поддршката што ЕБОР ја обезбедува за проекти од областа на обновливите извори на енергија, со цел јакнење на енергетската сигурност на земјата.

Двете страни ја потврдиле заложбата за натамошно продлабочување на институционалната соработка, особено во областите на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, одржливото финансирање и зајакнувањето на отпорноста и стабилноста на финансискиот систем.