Образование
Над 14.500 матуранти денеска го полагаат првиот испит од матурата
06.06.2026 09:26
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за полагање на матурата се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура.

Повеќе од 14.500 матуранти денеска го полагаат првиот екстерен испит од годинашната матура. Станува збор за изборен предмет, додека задолжителниот испит по мајчин јазик и литература ќе се полага на 11 и 12 јуни.
Годинава, согласно измените на Законот за средното образование, за првпат се спроведуваат три вида матурски испити – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.
Кандидатите за државна матура денеска полагаат странски јазик (англиски, француски, германски, руски или италијански) или математика. Учениците кои се пријавени за државна стручна матура избираат меѓу англиски јазик и математика, додека кандидатите за државна уметничка матура полагаат англиски јазик или историја.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), за полагање на матурата се пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 ќе полагаат државна матура, 2.276 државна стручна матура, а 127 државна уметничка матура.
Од вкупно 5.713 гимназијалци, сите се пријавени за државна матура. Кај средните стручни училишта, од 8.629 кандидати, 6.353 се определиле за државна матура, а 2.276 за државна стручна матура. Во уметничките училишта, од 245 кандидати, 118 ќе полагаат државна матура, а 127 државна уметничка матура.
Од ДИЦ информираат дека за секој тип матура и за секој предмет се изработени посебни испитни програми, врз основа на наставните содржини што учениците ги изучувале во текот на четиригодишното образование.
