Охрид

ХОТАМ бара флексибилност од ДПИ

06.06.2026 14:46

На самиот почеток на туристичката сезона, неколку угостителски објекти во Охрид затворени по контроли на Државниот пазарен инспекторат. Го пречекориле работното време. Хотелската асоцијација предупредува ваквите мерки испраќаат лоша слика за туристичката дестинација, бараат поголема флексибилност во санкционирањето на прекршителите. Опомени и парични казни а не затворање на локали.

Наместо полни тераси, затворени локали. Вака не се гради туристичка дестинација, реагираат од ХОТАМ откако неколку угостителски објекти во Охрид беа ставени под клуч поради пречекорување на работно време.

Угостителите велат контролите се неопходни, санкции треба да има следствено на прекршокот, но затворањето на објектите во најважниот период од годината носи штети за бизнис секторот, локалната економија и државата.

„Не може да се сложиме и да кажеме во ред е да се затвори еден објект во јуни, јули или август. Прво поради тоа што сезоната е многу кратка и целата дестинација изгледа убаво кога сите се средени, наместени и во функција. Ако нешто некаде е затворена не изгледа убаво и кон туристите. Целата дестинација изгледа подобро кога сите објекти се отворени и во функција. Кога нешто е затворено, тоа остава лош впечаток кај туристите.“, изјави Крсте Блажевски претседател на ХОТАМ.

Од ХОТАМ велат туристичката сезона е кратка, а токму во летните месеци угостителите остваруваат приходи. Поголемиот дел од нив не можејќи да ги издржат трошоците се самозатвораат во зима.

„Паричните казни ги разбираме, но затворањето на угостителски објекти не е добро решение Ние седиме затворени по неколку месеци во текот на годината посекако. И сега кога ќе дојде време тој објект да вади промет и за сопствениците и за државата, нели има ДДВ на тој проект ние сами си го сечеме тоа да не може да работи објектот да нема никаков промет губи и државата и самиот сектор и вработените како ќе се извадат плати а зборуваме за покачување на платите“, изјави Крсте Блажевски.

Угостителите бараат измени во санкциите наместо клуч на врата, користење на опомени и парични глоби.

Апелираат инспекциските контроли да ги има и во зима, кога локалите им се затворени и празни, а не само за време на летната сезона.

Соња Рилковска