Блиски Исток

Нови напади меѓу САД и Иран

06.06.2026 12:45

Нова ескалација на Блискиот Исток. Напади меѓу САД и Иран во Персискиот залив. Американските сили собориле ирански беспилотни летала во Ормускиот теснец, а бомбардирани биле крајбрежни радарски позиции на Техеран. Иран лансираше балистички ракети кон американски бази во заливот...

Борбите на Блискиот Исток продолжуваат и покрај напорите за преговори за крај на четиримесечниот конфликт. Американските сили пресретнале повеќе ирански балистички ракети и беспилотни летала лансирани кон Ормутскиот теснец и Персискиот залив. Техеран истрела седум балистички ракети кон Кувајт и Бахреин, додека американската војска последователно погодила крајбрежни локации во Иран. Во разговор за американската телевизија NBC, Трамп рече дека Иран сè уште поседува воени капацитети, но претрпел големи загуби.

„Повеќето фабрики за дронови се уништени. Но, тие сè уште имаат капацитет. Имаат неколку ракети и дронови. Би рекол процентуално, можеби 22% од нивните ракети. Тоа се многу ракети, но не е она што беше кога првпат нападнавме.“, изјави Доналд Трамп - претседател на САД.

Иранскиот министер за надворешни работи одговори на коментарите на либанскиот претседател Џозеф Аун, кој рече дека техеран ја користи неговата земја како адут за преговарање со САД.

„Врз основа на коментарите на г. Аун, човек би помислил дека Иран е тој што окупирал 1/5 од Либан, расели 1/4 од Либанците и ја бомбардира неговата земја секојдневно. Да беше Либан адут за преговарање за Иран, одамна ќе имавме договор.“, рече иранскиот министер за надворешни работи.

Висок ирански функционер изјави дека потенцијалниот мировен договор зависи од тоа дали администрацијата на Трамп ќе се согласи да ослободи 24 милијарди долари замрзнати ирански средства и предупреди на потенцијалот за поширока војна.

Катерина Бојаџиева