Почна полагањето на државната матура
За некого сончев викенд, за матурантите да се биде или не. Почна полагањето на државната матура. На првиот екстерен испит проверени знаењата на над 14.500 ученици по странски јазик, математика или историја. За пет дена ќе им бидат проверени знаењата и по мајчин јазик и литература.

Во амфитеатрите на факултетите и во училиштата каде имаше услови, матурантите го полагаа првиот тест од државната матура. Најголем дел од нив се одлучија за англиски јазик како изборен предмет за решавање на тестот имаа три часа, но многумина завршија и порано. Велат, прашањата биле очекувани и не биле тешки.
„Полагав руски јазик. Полагањето не беше тешко. За саат време завршив“, рече матурант.
„Англиски јазик полагав, лесен беше тестот“, рече друг.
„Добро беше. Меѓу првите излегов“, рече друг.
„Немаше потребна од препишување. Реално шансите беа мали иако може би некој се снашол. И професорите претходно супер не спремија“, рече матурант.
„Стручна матура беше многу лесно, немаше потреба од препишување. Имаше интересна тема за пишување на есејот, лесни прашања“.
Годинава средношколците за првпат полагаат три вида матура – државна, стручна и уметничка. Тестот го решаваат без пауза и без мобилен телефон. Од Државниот испитен центар велат дека полагањето од амфитеатрите на факултетите значително ја намалува можноста за препишување.
„Има поголема група на тестатори кои се ангажирани на секој 15-ти по еден. И одложувањата на места кои се определени за истите вродува со плод. Правиме се за да биде тестирањето онака како што треба, сите ученици да имаат еднакви можности и фер полагање“, изјави Даниела Јовчевска Михајлова – директорка на Државен испитен центар.
„Се надевам дека дел од нив ќе го продолжат образованието на соодветните факултети, а дел од нив ќе влезат на пазарот на трудот. Интересно е дека над 12 илјади полагаат државна матура, а нешто повеќе од 2.000 државна стручна матура“, изјави Весна Јаневска – министерка за образование и наука.
Државна матура полагаат повеќе од 14.500 матуранти. На Економскиот факултет полагаа над 300 ученици од „Васил Антевски – Дрен“.
„Ние сме економско и правно училиште и соодветно на тоа очекувам идни успешни правници, адвокати, нотари, судии, а од страната на економистите успешни сметководители“, изјави Александар Мијоски – директор на „Васил Анатевски – Дрен“.
„Факултетот е отворен како просторија и навистина сметам дека има добри услови и дека полагањето на државната матура може да се оствари во убава релаксирана атмосфера во која учениците ќе бидат сигурни и да ги искажат своите знаења и да остварат најдобри резултати“, изјави Катерина Трпчевска – продекан за настава на Економскиот факултет.
Резултатите од државната матура ќе се знаат најдоцна еден месец од полагањето.
Вториот предмет од државната матура кој е задолжителен учениците ќе го полагаат на 11 и 12 јуни – тогаш ќе полагаат македонски јазик и литература.
Андријана Ѓурческа
