СДСМ ја формираше „Скопската иницијатива“
Западен Балкан се наоѓа пред историска можност, на самитот во Тиват, ЕУ испрати порака дека вратите се отворени и не смееме да ја пропуштиме шансата да го завршиме интегративниот процес, порача лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој ја промовираше скопската иницијатива. Тој рече дека со обединување на прогресивните сили во регионот ќе се спротивстават на авторитаризмот, антиевропските движења и на корупцијата.

„Отворената врата“ мора да се искористи без одложување, бидејќи станува збор за иднината на државата и животниот стандард на граѓаните – вака Венко Филипче ги коментира пораките од самитот на ЕУ со Западниот Балкан. Смета дека процесот на европска интеграција влегува во клучна фаза која државава не смее да ја пропушти.
Сите земји-членки на Европската унија кажуваат дека западниот Балкан припаѓа во Европа, нудат механизми за првпат со коишто се олеснува нашата евроинтеграција-рече Филипче на Меѓународната конференција на која ја промовираше „Скопската иницијатива“.
Не треба да дозволиме стагнација, владеењето на правото е клучно, но не треба да го дозволиме ниту одливот на мозоци од нашите земји, истакнаа на конференцијата говорниците од сестринските партии и организации на СДСМ.
„Пораката што сакам да ја пренесам е јасна: иднината на Европската Унија е поврзана со интеграцијата на Западен Балкан и со полноправното членство на Северна Македонија во европското семејство. Истовремено, иднината на Северна Македонија е во Европската Унија, заедно со останатите земји од регионот. Тоа се два процеса кои мора да се движат паралелно и заедно да придонесат за конечно обединување на европскиот континент“, изјави Џакомо Филибек, генерален секретар на ПЕС.
Национализмот, популизмот, организираниот криминал и екстремизмот сè повеќе дејствуваат заеднички против европските вредности и реформските процеси, потенцираа говорниците на Меѓународната конференција, кои се заложија за обединување на прогресивните сили.
Миле А.Ристески
