Мицкоски охрабрен по средбите со Мерц и Макрон
Проширувањето на ЕУ не е завршен процес – по средбите со Мерц и Макрон, премиерот Мицкоски е уверен дека француско-германскиот нон-пејпер за постепена интеграција ќе значи забрзување на приемот на нови членки. Иако уставните измени се услов за земјава да почне со отворањето на поглавјата, шефот на владата е категоричен – без јасни гаранции дека ќе нема нови блокади поради идентитетски прашања, Македонија нема да преземе таков чекор. Сепак, Мицкоски очекува наредниов период да се интензивираат напорите за изнаоѓање решение, и порачува – чекор по чекор ќе се стигне до целта.

По средбите со канцеларот Мерц и претседателот на Франција Макрон во Тиват, премиерот Мицкоски оптимист за интегративниот процес на земјава – вели, ова е силна порака од Европската унија и клучен самит за земјите од Западен Балкан. Очекува дека со француско-германскиот нон-пејпер ќе се интензивираат средбите во Брисел. Наместо двапати годишно, состаноци ќе има двапати во месецот. Ова е силен мотив за владата да ги реализира реформите од планот за раст, вели премиерот, според кого Македонија е предводник во процесот.
Пред Макрон и Мерц, Мицкоски ја отворил и темата за уставните измени, на дел од дилемите како што вели добил одговор, но сепак во Тиват изостана средба за ова прашање меѓу премиерите на Македонија и Бугарија. Официјална Софија на самитот уште еднаш повика на уставни измени, шефот на владата не отстапува, бара јасни гаранции и почитување на правата на македонското малцинство во Бугарија.
Мицкоски посочи дека од лидерите на Германија и Франција добил уверување дека нон-пејперот е документ што ќе овозможи користење на одредени европски алатки и механизми од страна на земјите од западен Балкан и не е во конфликт со проширувањето. На самитот ЕУ-Западен Балкан, Кошта и Фон дер Лајен испратија порака оти темел на процесот на пристапување во Унија е и останува системот на заслуги.
Викторија Милевска
