Стомачните вируси ги полнат амбулантите
Температурните осцилации донесоа бран на стомачни инфекции. Граѓаните се жалат на гадење, повраќање, температура. Лекарите предупредуваат на ризик од дехидратација. Апелираат граѓаните да не се лекуваат на своја рака...

Зголемен број стомачни вируси регистрира кумановската болница. Температурните разлики, го зголемија бројот на пациенти инфицирани од овој вирус за дури триесетина отсто. Симптомите најчесто се грчеви во стомакот, покачена температура, повраќање, дијареја. На удар се децата, и оние со намален имунитет. Лекарите предупредуваат можни се компликации, дехидратација. Советот е да не зема терапија на своја рака, туку да се побара помош од стручни лица.
„Со промена на температурата се повеќе доаѓаат пациенти со гастро тегоби, односно со гадење, повраќање, температури. Исто така таа промена на температура влијае на квалитетот на храна при што имаме повеќе гастро тегоби кои се предизвикани дали од вируси, бактерии, паразити. Имаме зголемен број на пациенти со овие тегоби, некаде за околу 30 отсто од минатата недела, но гледаме што поуспешно да се справиме со нив. Што не можеме тука ги испраќаме на инфективно одделение“, истакна Дарко Каранфиловски, лекар Ургентен центар Куманово.
Особено е важна превенцијата. Редовно миење на рацете за време на престој во градинка, училиште, јавен превоз.
„Пациентите првин да се обратат кај матичен лекар, да се воспостави кај нив соодветна хидратација и терапија со антиаметици и пробиотици потоа ако болеста напредува да се обратат во болничка установа“, дополни д-р Каранфиловски.
Стомачните вируси се застапени во текот на целата година. Но особено изразени на почетокот не летото и пролетта.
Но за разлика од стомачните, изминативе две недели намалени се респираторните вируси, информираат од кумановската болница.
Елена Георгиевска
