Вонредни парламентарни избори во Косово
Косово денеска гласа на предвремени парламентарни избори, трет изборен циклус за година ипол. Повторното гласање доаѓа откако политичките партии не успеаја да постигнат компромис за изборот на нов претседател. Брисел ги повика политичарите во Приштина да создадат силни институции кои ќе ги спроведат реформите...

Граѓаните на Косово изморени од честите изборни циклуси. За помалку од година ипол, по третпат излегоа на биралиштата на вонредните парламентарни избори, предизвикани од политичката криза и неможноста на партиите да се договорат за новиот претседател на државата. Избирачите бараат излез од политичкиот ќор-сокак и поголем фокус на економијата и подигнувањето на животниот стандард.
„Очекуваме подобра реалност во споредба со претходните избори. Очекуваме стабилност на институциите и општеството.“, изјави Сејди Шала-гласач.
„Уморни сме, но волјата за промена е поголема од тоа. Се надевам дека овие избори ќе донесат позитивна промена за Косово.“, рече жител.
„Сите Срби ќе гласаат и ние ќе ги освоиме сите 10 места, десет пратеници во Парламентот“, додаде гласач.
Аналитичарите очекуваат победа на партијата „самоопределување“ на Курти, но предвидуваат и оти тој ќе мора да бара компромис со опозицијата за потребното двотретинско мнозинство за избор на нов шеф на државата.
„Важен ден за демократијата во Косово. Поголемата излезност ќе се претвори во поголем легитимитет и стабилност за институциите на нашата република. Се надевам дека народот на Косово повторно ќе ја покаже својата зрелост, а од друга страна, ние како политичари, се надевам дека ќе им служиме сè подобро и сè повеќе“, изјави Албин Курти – премиер на Косово.
На изборите учествуваат 21 политички субјект, од кои три коалиции, 17 политички партии и еден независен кандидат. Европската унија повика на мирен, слободен, фер и инклузивен изборен процес, но и на стабилни институции што ќе ги спроведат неопходните реформи.
Катерина Бојаџиева
