нови сад

80 години македонски траги во Војводина

07.06.2026 17:33

Екипата на МТВ беше во Нови Сад на одбележувањето 80 години од организираното доселување на Македонците во Војводина. Во Србија живеат околу 15 илјади Македонци, кои имаат и емисии на својот мајчин, македонски јазик.

Домови и обработливо земјиште за почеток. Потоа освојување на шанса за нов живот. Организираното доселување на Македонците во Војводина почнало по Втората светска војна, во рамките на аграрната реформа и колонизацијата што тогашната држава ја спроведувала за населување на испразнетите подрачја. Од 1946 до 1948 година во Војводина пристигнале околу 12.000 македонски семејства, најмногу од Крива Паланка и регионот Порече.

Според пописот од 2022 година, во Србија живеат 14.757 Македонци. Дел од нив се и Златко Јанкуловски и Јулијана Милутиновиќ, главни и одговорни уредници на македонската програма на Радио-телевизија Војводина, која веќе две децении емитува содржини на македонски јазик. Во Нови Сад дошле по различни животни патишта, по што продолжила нивната заедничка мисија – зачувување на македонскиот јазик, култура и идентитет.

За Јулијана, љубовта била причината да се пресели во Нови Сад. За Златко, овој град е местото каде што втората генерација Македонци и пркосат на природната асимилација.

Медиумите имаат клучна улога во зачувувањето на националниот идентитет. Денес во Србија се емитуваат пет телевизиски емисии на македонски јазик – две на Радио-телевизија Војводина и по една на Радио-телевизија Панчево, Радио-телевизија Дунав и Радио-телевизија Фокус во Врање.

Значаен исчекор е направен и во образованието. Од 2012 година во училиштата се изучува изборниот предмет – Македонски јазик со елементи на националната култура. Наставата ја следат околу 350 ученици во 11 училишта низ Војводина, а за нив се подготвуваат и учебници на македонски јазик.

Како траен белег на присуството и придонесот на Македонците во Србија, во Нови Сад ќе биде поставена скулптурата „Мајка Македонија“, дело на академскиот скулптор, Синиша Новески. Проектот е инициран од Македонскиот национален совет, а финансиски поддржан од Покраинската влада.

Осум децении по доаѓањето на првите иселеници, македонската заедница во Војводина останува жив мост меѓу двете држави. Преку јазикот, културата, образованието и медиумите, потомците на доселениците продолжуваат да ја раскажуваат приказната за своите корени. А Нови Сад, градот на различностите, и денес сведочи дека мултикултурализмот не е само вредност, туку и начин на живот.

 

Александра Велинова