Воведување на смарт-лиценци
Се воведуваат смарт-лиценци. Системот за издавање и контрола на државните дозволи целосно ќе се дигитализира, најави министерот Андоновски.

Со еден клик до сите лиценци што ги издаваат јавните институциите. Почнува постепената дигитализацијата која треба да им овозможи на граѓаните, компаниите, инспекторите и сите заинтересирани во реално време да ги добијат сите информации за валидноста на документите, без разлика дали станува збор за доктори, компании, хотели, ноќни клубови. Во Министерството за дигитална трансформација системот е имплементиран, се работи и со Министерството за економија, институција која издава најголем број одобренија. Сепак, Андоновски призна дека има отпор кај дел од институциите, кои никако да се откажат од хартијата.
На 12 јуни, Андоновски заминува во Брисел на преговорите за „Роаминг како дома“, иницијатива на Европската комисија за користење на мобилните услуги во земјите од ЕУ, под исти или слични тарифите како во Македонија. Од ресорот тврдат – си ја завршиле домашната задача и очекуваат со почетокот на следната година да почнеме да зборуваме и сурфаме слободно во ЕУ, како дома.
Секоја земја од Западен Балкан посебно преговара со Европската комисија, а имплементацијата ќе зависи од исполнувањето на обврските, односно промена и измена на законите и нивно усогласување со Европскиот електронски комуникациски кодекс и другите акти.
Викторија Милевска
