Нови дестинации
На охридскиот аеродром пристигна првиот авион од Вроцлав Полска. За два денови Охрид се поврзува и со Катовице. Ова лето Охрид е поврзан со 17 дестинации.

Со првиот авион од Вроцлав денеска во Охрид пристигнаа околу 200 туристи од Полска. За само два дена ќе стартува и новата авиолинија до Катовице.
Новите летови до Полска се очекува до средината на септември да донесат илјадници гости на охридското крајбрежје и да придонесат за продолжување на туристичката сезона. Ова лето од Охридскиот аеродром ќе се патува до 17 дестинации.
„Ова се летови кои не се само туристички туку се летови коишто не се само сезонски туку ќе донесат дополнителна вредност на целиот регион. Ако на тоа се додаде дека веќе од оваа недела почнува да лета дестинацијата Белград Охрид и Истанбул Охрид тогаш веќе приказната се заокружува. Имаме фантастични бројки во периодот јануари-мај оваа година споредбено со лани имаме раст од 31,2 проценти што го нема на ниту едни други два аеродроми“, изјави Александар Николоски - министер за транспорт.
Во меѓувреме, со забрзана динамика се реализира и реконструкцијата на охридскиот аеродром „Свети Апостол Павле“. Со инвестицијата вредна 2,7 милиони евра се врши модернизација на аеродромската инфраструктура, подобрување на условите за патниците и зголемување на капацитетите.
„Севкупно проектот има достигнато фаза на 65% завршеност но би сакал да нагласам дека додека се одвиваат сите овие градежни работи истовремено постојано е опслужуваат и дојдовните летови и патници. Целокупната работа на аеродромот се одвива без никакви пречки“, изјави Неџат Курт директор на ТАВ Македонија.
Реконструкцијата на аеродромот, прва од неговата изградба пред 70 години се очекува да заврши за два месеци.
Соња Рилковска
