Израелски напади врз Иран

08.06.2026 10:10

Уште една ноќ на Блискиот Исток помина со сирени за тревога. Израел изврши нови ракетни напади врз Иран, како одмазда за нападот со балистички проектил врз северен Израел...

Уште една ноќ на Блискиот Исток помина со сирени за тревога. Израел изврши нови ракетни напади врз Иран, како одмазда за нападот со балистички проектил врз северен Израел. Исламската револуционерна гарда се закани со континуиран ракетен бараж поради продолжувањето на војната во Либан. Од Вашингтон велат, примирјето е во сила, САД се фокусирани на договор со кој Иран никогаш не би поседувал нуклеарно оружје.

Израелската војска изврши одмазднички напади врз воени цели во западен и централен Иран откако Техеран истрела ракета кон северен Израел како одмазда за нападите во јужните предградија на Бејрут. Ова е прв голем напад откако стапи во сила примирјето на почетокот на април.

„Иранскиот терористички режим направи голема грешка кога повторно го избра тероризмот. Режимот се обидува да создаде нова равенка со извршување директен напад врз нас. Ние нема да го дозволиме ова. Израелските одбранбени сили ќе продолжат да дејствуваат низ цел Либан и ќе ја продлабочат штетата врз терористичката организација Хезболах. Ние нема да дозволиме континуиран оган кон граѓаните на Државата Израел“, изјави бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.

Изминатата недела, со посредство на Вашингтон, Израел и Либан постигнаа условен договор за крај на непријателствата и безбедносни зони, на што Хезболах се спротивстави. Корпусот на Исламската револуционерна гарда соопшти дека повеќекратните ракетирања кон северен Израел се почеток на цела недела континуирани напади.

„Нашето прифаќање на прекинот на огнот на 8 април беше условено со прекин на непријателствата на сите фронтови. Сепак, како и секогаш, САД и ционистичкиот режим не ги исполнија своите обврски. Тие продолжија со својата агресија и злосторства во Либан и постојано го прекршуваа прекинот на огнот преку напади врз иранските брегови и бродови во Ормутскиот теснец, Оманскиот Залив и Индиски Океан. Вечерашната операција беше предупредување. Доколку овие акти на агресија се повторат, одговорите ќе бидат пошироки по обем и ќе ги опфатат сите американски и ционистички цели низ целиот регион“, изјава на Корпусот на Исламската револуционерна гарда.

Шефот на Белата Куќа претходно го повика израелскиот премиер Нетанјаху да не се одмаздува. Американскиот секретар за одбрана вели дека прекинот на огнот со Иран е во сила, дури и ако некои работи се случуваат повремено.

„Претседателот рече дека е многу јасно оти работите можат да се случуваат повремено, но во моментов тој е посветен на добивање голем договор со кој САД ќе се осигурат дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје. Ние сме подготвени во Министерството за војна, ако тоа не се случи, да направиме што е потребно за да се осигураме дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.

И покрај повторените насилства, прогласените прекини на огнот во Газа, Либан и Иран се официјално на сила. Ниту една страна формално не ги повлече ниту ги прогласи примирјата за завршени.

Маријана Димовска