Сцена

„Центарска симфонија“ под отворено небо: Музички спектакл со филмски хитови во срцето на Скопје

08.06.2026 10:28

Општина Центар и годинава ја организира „Центарска симфонија“, музички настан што ќе се одржи на 13 јуни на „Плочник“ кај Градски Ѕид. Публиката ќе може бесплатно да ужива во македонски шлагери и безвременски мелодии од светската филмска музика, изведени во современо симфониско аранжманско издание.

Општина Центар ги поканува граѓаните на второто издание на „Центарска симфонија“, музички спектакл под отворено небо кој ќе се одржи во сабота, на 13 јуни, со почеток во 19:30 часот на „Плочник“ во Градски Ѕид (Клуб на новинари).

Публиката ќе има можност да ужива во македонски шлагери инспирирани од домашната кинематографија, од седумдесеттите години до денес, како и во препознатливи мелодии од светските филмски класици, претставени во современо симфониско издание.

На сцената ќе настапат Сонора Колектив оркестар и вокалните солисти Иван Наумовски и Елена Васова, а влезот за посетителите е слободен.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, истакна дека манифестацијата прераснува во традиција, откако минатогодишното премиерно издание привлече голем интерес кај граѓаните.

„Ваквите настани му се потребни на Скопје. Во летните денови тие го раздвижуваат градот и ги сплотуваат граѓаните. Се надевам дека и годинава ќе го имаме истото силно и емотивно доживување“, порача Герасимовски.

„Центарска симфонија“ е дел од Програмата за култура на Општина Центар за 2026 година.