Исени: Силни аеродромски контролни единици, клучни за борбата против организираниот криминал
Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени порача дека зајакнувањето на аеродромските контролни единици и унапредувањето на меѓуинституционалната соработка се од суштинско значење за справување со организираниот криминал, трговијата со дрога и другите транснационални безбедносни закани. Тој се обрати на отворањето на обуката за Единиците за контрола на аеродроми, организирана со поддршка на ЕУ и UNODC.

Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска учествуваше на отворањето на Основната практична обука за Единиците за контрола на аеродроми (ACU), која се реализира во рамки на заедничката акција на Европската Унија и Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (UNODC) преку Програмата за контрола на контејнери и патници.
Во своето обраќање, Исени се заблагодари за поддршката од Европската Унија и UNODC, истакнувајќи дека ваквите обуки имаат значајна улога во јакнењето на институционалните капацитети и подготвеноста на службите за справување со современите безбедносни предизвици.
Тој нагласи дека преку практичната обука се унапредуваат знаењата и вештините на службениците кои се на првата линија во борбата против криминалот, што придонесува за поголема оперативна ефикасност, подобра координација и поуспешно откривање на незаконски активности.
Според Исени, обуката има дополнителна вредност бидејќи овозможува размена на искуства меѓу учесници од повеќе земји, како и продлабочување на соработката меѓу полициските и царинските служби во регионот.
Осврнувајќи се на актуелните закани, тој посочи дека транснационалниот организиран криминал, трговијата со дрога, криумчарењето мигранти, трговијата со луѓе и нелегалниот транспорт на оружје бараат координиран и професионален одговор од надлежните институции.
„Аеродромите се клучни транспортни и логистички јазли, но истовремено можат да бидат злоупотребени од организирани криминални групи. Затоа е неопходно постојано да се развиваат механизми за анализа на ризик и да се зајакнуваат безбедносните капацитети“, истакна Исени.
Тој ја потврди и посветеноста на Министерството за внатрешни работи за натамошно унапредување на безбедноста, владеењето на правото и развојот на современи гранични служби кои работат според највисоките европски и меѓународни стандарди.
