Финансии

Годишен состанок на ЕБОР во Рига, билатерални состаноци со ЕБОР, ЕИБ и Зелениот климатски фонд

08.06.2026 20:15

Годинашното Собрание беше посветено на тема „Од нестабилни до разновидни економии коишто иновираат во свет што се менува“, на коешто учествуваа владини претставници, финансиски и корпоративни директори, акционерите, партнерите и клиентите на банката, бизнис секторот, како и граѓанскиот сектор.

Државниот секретар во Министерството за финансии Андриана Матлиоска од 5 до 7 јуни 2026 учествуваше на Годишното собрание и бизнис форум на Европската банка за обнова и развој, што се одржа во Рига, Латвија.

Годинашното Собрание беше посветено на тема „Од нестабилни до разновидни економии коишто иновираат во свет што се менува“, на коешто учествуваа владини претставници, финансиски и корпоративни директори, акционерите, партнерите и клиентите на банката, бизнис секторот, како и граѓанскиот сектор.

Матлиоска за време на престојот во Рига оствари повеќе билатерални состаноци со претставници на ЕБОР, ЕИБ, Зелениот климатски фонд, како и со претставници на Министерството за надворешни работи на Холандија и ЕБОР Конституенцата предводена од Холандија.

На состанокот со директорката за инфраструктура за Европа во ЕБОР, Елена Гордеева беше истакната посветеноста на земјава за унапредување на инфраструктурата во што значаен партнер во реализацијата е Европската банка за обнова и развој.

ЕБОР во земјата има инвестирано во 213 проекти во вредност од 3,13 милијарди евра, а во моментов се работат проекти во вредност од 1,3 милијарди евра.

Матлиоска изрази благодарност за поддршката што досега е дадена од страна на ЕБОР на нашата земја и ја потенцираше посветеноста на Владата на реализацијата на капиталните расходи.

„Капиталните расходи претставуваат клучен инструмент на фискалната политика и двигател на економскиот раст за периодот 2027 – 2031 година, со цел обезбедување долгорочни економски придобивки преку зголемување на јавните инвестиции особено во патната и железничката инфраструктура, енергетски капацитети, системи за водоснабдување и канализација, дигитална инфраструктура, како и проекти во образованието и социјалната заштита“, посочи Матлиоска на состанокот, на којшто беше истакната подготвеност на Банката за понатамошно партнерство во реализацијата на проекти во патната и железничката инфраструктура и општинската инфраструктура.

На состанокот со директорката на Секторот за инфраструктура за Европа во ЕБОР беше истакната посветеноста на земјава за унапредување на инфраструктурата во што значаен партнер во реализацијата е Европската банка за обнова и развој.

На средбата со директорот за партнерство на ЕИБ Глобал, Ричард Амор беше, исто така, посочено на значењето на поддршката што ЕИБ ја дава на земјата во реализација на повеќе проекти и којашто поддршка е на ниво од 1,6 милијарди евра.

Матлиоска изрази благодарност за досегашната поддршка на ЕИБ во енергетската и железничката инфраструктура, општинската водоводна инфраструктура, а исто така изрази и благодарност за подготвеноста на ЕИБ за продолжување на соработката за поддршка на приватниот сектор, поточно на малите и средни претпријатија преку Развојната банка.

Државниот секретар, исто така, оствари средба со директорот на одделот за регионот на Источна Европа, Централна Азија и Блискиот Исток на Зелениот климатски фонд Томас Ериксон.

На овие средби покрај горенаведеното Матлиоска посочи дека Владата продолжува со силна посветеност кон реформските процеси вклучително и реформската агенда, препознавајќи ја како основа за економски развој, зајакнување на институциите и успешна интеграција во Европската Унија.