Израелската војска изврши одмазднички напади врз воени цели во западен и централен Иран
Уште една ноќ на Блискиот Исток помина со сирени за тревога. Израел изврши нови напади врз Иран и јеменските Хути истрелаа ракети и се заканија со напади на израелски бродови во црвено море.За најновата ескалација, исламската република директно го впери прстот во САД. Трамп бара страните да запрат со нападите...

Блискиот Исток одново во вкрстен оган. Израелската војска изврши одмазднички напади врз воени цели во западен и централен Иран откако Техеран истрела ракета кон северен Израел. Исламската Република ги обвини САД за ескалацијата и истакна дека случувањата директно влијаат на довербата и на дипломатскиот процес во целина.
„САД имаат јасна одговорност како страна во договорот за прекин на огнот од 8 април. Што и да се случи во регионот, без разлика дали САД самите го прекршуваат прекинот на огнот или таквите прекршувања ги врши ционистичкиот режим во Либан или преку координација, директната одговорност на САД е недвосмислена, а последиците од секоја ескалација на тензиите ќе бидат и на Вашингтон“, изјави Есмаил Багаи, портпарол на МНР на Иран.
Најновата ескалација е резултат на израелските напади во јужните предградија на Бејрут спротивно на барањето на Вашингтон пред неколку дена Тел Авив да се повлече.
„Иранскиот терористички режим направи голема грешка кога повторно го избра тероризмот. Режимот се обидува да создаде нова равенка со извршување директен напад врз нас. Ние нема да го дозволиме ова“, изјави Бригаден генерал Ефи Дефрин, портпарол на израелската војска.
И Јеменските Хути нападнаа во Израел и се заканија дека бродовите поврзани со Тел Авив повторно ќе бидат цел во Црвено Море.
„Во согласност со принципот на обединети фронтови и соочување со непријателите, а како одговор на ционистичката агресија врз Либан, Иран и Газа, јеменските вооружени сили започнаа ракетен напад насочен кон чувствителни израелски непријателски цели“, изјави Бригадир Јахја Сари, воен портпарол на Хутите.
Израел и Иран мора веднаш да престанат со пукање, објави претседател Трамп. Американскиот секретар за одбрана вели дека прекинот на огнот е во сила.
„Претседателот рече дека е многу јасно оти работите можат да се случуваат повремено, но во моментов тој е посветен на добивање голем договор со кој САД ќе се осигураат дека Иран никогаш нема да добие нуклеарно оружје“, изјави Пит Хегсет, секретар за одбрана на САД.
Воените дејствија на Блискиот Исток и Ормускиот теснец, тема и на неформалниот состанок на министрите за одбрана на ЕУ на Кипар.
„Во текот на ноќта, повторно видовме ескалација. Мислам дека на регионот не му е потребна ескалација, туку страните да седнат на преговарачка маса“, изјави Каја Калас, шефица за надворешна и безбедносна политика на ЕУ.
И денеска, тензиите останаа високи по должината на израелско-либанската граница во понеделникот по неодамнешната размена на оган меѓу Израел и Иран.
Маријана Димовска
