Медиуми

Граѓаните со ставови по Нацрт- одлуката за преноси

08.06.2026 13:55

Дали најголемите спортски настани треба да останат достапни за сите граѓани преку јавниот сервис? Во тек е јавна расправа за Нацрт-одлуката на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со која се утврдува листата на настани од големо значење за македонската јавност. Граѓаните, спортските федерации и медиумските работници имаат свои ставови за тоа кои содржини мора да останат достапни без дополнителен надомест.

Преносите од големите спортски настани треба да се емитуваат на Македонската телевизија за да може сите да ги гледаат и како што налага традицијата, децидни се граѓаните со кои поразговаравме за Нацрт-одлуката на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни услуги за утврдување листа на настани од големо значење за македонската јавност за која во тек е јавна расправа.

„Македонската телевизија ја покрива целата територија. Овие останатите оператори, некаде има, некаде нема. Ние треба да дадеме значење на нашата телевизија, Македонската. Таа треба да внимава и на јазикот, треба да ја крева свеста за она што ја карактеризира македонштината.“

„Мора да може да ги гледаме.“

„Повеќе се гледа телевизија од вообичаено. Тоа е стимул и за децата да почнат да спортуваат, било каков спорт, не мора само фудбал.“

„Треба да гледаат сите, а не тој што има кабловска само“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.

Зимските и летните олимписки како и параолимписки игри, натпреварите од Светското и Европското првенство во атлетика, квалификациските натпреварите на Македонската фудбалската репрезентација, натпреварите од Светското и Европското фудбалско првенство како и УЕФА Лига на шампиони се дел од настаните од големо значење за јавноста на Македонија, според Нацрт-одлуката на АВМУ.

Критериумите според кои е направена одлуката се настанот да има голем одглас кај населението, да содржи елементи на културниот идентитет, да е вклучен на меѓународно ниво и традиционално да се емитувал на телевизиските програмски сервиси.

Критериумите кои треба да ги исполнуваат радиодифузерите за емитување на овие настани се следните: да покриваат 80 насто од територијата на Македонија, пристапот да биде слободен и да не наплаќаат дополнително, програмата да ја емитуваат во некодирана форма и на македонски јазик.

Настапите на нашите репрезентативци се дел од нашата спортска традиција, култура и идентитет и затоа е исклучително важно да се емитуваат на Македонската телевизија – претходно се изјаснија првите луѓе на фудбалската, ракометната, одбојкарската и кошаркарската федерација за Нацрт-одлуката на Агенција за медиуми.

Освен спортските, на листата на настани од големо значење за македонските граѓани треба да бидат и оние од културата е ставот на претседателот на Македонската медиумска асоцијација во која членуваат петте терестријални телевизии на државно ниво.

Алекснадра Велинова