Жртви и повредени по земјотресот што го погоди филипинскиот остров Минданао
Земјотрес од 7,8 степени по Рихтер, проследен со послаби афтершокови го погоди подрачјето покрај јужниот филипински остров Минданао. Властите соопштија дека има десетици жртви и над 200 повредени. По потресот, издадени се предупредувања за цунами на Филипините, во соседна Индонезија, како и од американскиот систем за предупредување од цунами.

Силен земјотрес од 7,8 степени по Рихтер го погоди јужниот дел на Филипините, оставајќи зад себе страв, паника и неизвесност. За само неколку секунди тлото на островската држава се претвори во закана за илјадници луѓе кои очајнички бараа спас од силниот потрес и тревогата за цунами, по што следуваа бранови со висина од метар и половина во шест крајбрежни подрачја.
Оштетена патна инфраструктура, урнати ѕидови и исплашени лица – тоа е сликата која од изутрина го обиколува светот. Десетици загинати, стотици ранети е црниот биланс од ужасниот потрес, многумина се водат и како исчезнати, соопштуваат филипинските власти. Епицентарот е лоциран југозападно од градот Mаасим во провинцијата Сарангани, на островот Минданао. Најтешко погоден е градот Сантос каде што е предизвикана и голема материјална штета. Безбедносните камери ги забележаа моментите на неизвесност, луѓето во паника ги напуштаат домовите и деловните објекти, а секундите траат како вечност.
Спасувачките екипи и натаму се во трка со времето, борејќи се за спас на преживеаните под урнатините. Операцијата ја отежнуваат неколкуте последователни афтершокови, а дел од нив се со магнитуда од 6,5 Рихтери. Филипините лоцирани на област со голема сеизмичка активност, па потресите се честа појава, но денешниот се вбројува меѓу еден од најсилните во последните 50 години. Најразорниот земјотрес е регистриран во 1976 година, бил со јачина од 8 степени, а загинале над 4 илјади и 700 лица.
Маја Стојанова
