Дипломатија

Муцунски од Сараево: Проширувањето на ЕУ е стратешки интерес за целиот Западен Балкан

08.06.2026 14:20

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски во Сараево се сретна со својот колега Елмедин Конаковиќ. Во фокусот на разговорите беа билатералните односи, европската интеграција, регионалните состојби и можностите за продлабочување на економската соработка меѓу двете земји.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска, во рамки на работната посета на Сараево, остварил средба со министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ.

Како што соопшти Муцунски, на средбата биле потврдени одличните билатерални односи, континуираната соработка и конструктивниот политички дијалог меѓу двете држави.

Соговорниците разговарале за актуелните состојби во регионот, европската интеграција и политиката на проширување на Европската Унија. Притоа, се согласиле дека проширувањето претставува стратешки интерес и за земјите од Западен Балкан и за самата Европска Унија, особено во услови на засилени геополитички предизвици.

На средбата биле разменети мислења и за можностите за натамошно унапредување на економската соработка. Акцент бил ставен на организирање почести бизнис-форуми, подобрување на транспортната поврзаност меѓу двете земји и повторно воспоставување на директната авиолинија на релација Скопје – Сараево.

Муцунски оцени дека постои значителен простор за продлабочување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со цел понатамошно јакнење на врските меѓу двете пријателски земји.