„Виолин Фест 2026“ ќе биде заокружен со свечен концерт во Скопје
По успешните фестивалски настани во Прилеп и Струмица, „Виолин Фест 2026“ ќе заврши со свечен концерт на 12 јуни во Камерната сала на Македонската филхармонија. На сцената ќе настапат 13 млади виолинисти од земјава и гости од Србија, Косово и Велика Британија.

Со свечен концерт во Камерната сала на Македонска филхармонија на 12 јуни ќе биде заокружено годинешното издание на „Виолин Фест 2026“, по успешно реализираните фестивалски настани во Прилеп и Струмица.
На финалната фестивалска вечер пред публиката ќе настапат 13 млади виолинисти од Македонија, како и гости од Србија, Косово и Велика Британија. Тие ќе ги претстават своите музички достигнувања преку изведби на дела од познати композитори и разновидна концертна програма.
Сите учесници ќе настапат со придружба на пијанистката Маја Божиновска.
Основан во 2012 година, „Виолин Фест“ прерасна во препознатлив културен настан и единствен фестивал во регионот посветен исклучиво на младите виолинисти. Во изминатите години фестивалот се етаблираше како значајна платформа за промоција на нови генерации музичари, овозможувајќи им настапи, уметнички развој и стекнување вредно концертно искуство.
Организаторите посочуваат дека завршниот концерт традиционално претставува круна на фестивалските активности и можност публиката да ги проследи најдобрите млади таленти кои со својата посветеност и љубов кон музиката ја градат иднината на македонската музичка сцена.
Концертот ќе започне во 19 часот, а влезот е слободен за сите љубители на класичната музика.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и туризам на Република Северна Македонија.
